Ченови на организација на движењето „Петоци за иднинатата Скопје" со поддрка на граѓаните денеска одржаа мирен протест, пред Собранието. Тие седнати на улицата побараа да се изгласа закон за забрана на увоз на опасен отпад пред распуштање на парламентарниот состав.
Тие изјавија дека излегуваат на улица затоа што Предлог-законот е заглавен во парламентот и сметаат дека со неговото изгласување ќе се донесе решение за, како што рекоа, секојдневното труење од согорување на отпад.
– Во ситуација кога аерозагадувањето руши светски рекорди, ова прашање треба да е прво на дневен ред, затоа што се работи за криза без преседан која ќе осакати цели генерации. Младите заминуваат од овде меѓу другото и затоа што не сакаат да дишат буквално канцер во гасовита агрегатна состојба. А кога сите индикации и мерења укажуваат на тоа дека согорувањето на отпадот како гориво во индустриските капацитети има огромен придонес за оваа состојба, немањето волја за тоа да се спречи укажува или на целосна отсеченост од граѓаните, чии интереси треба да ги претставуваат, или на вмешаност во целата операција со увозот на отпад. Најверојатно и двете истовремено – предупредува Иво Босилков, активист во Младинското движење за климатска правда „Петоци за иднината Скопје“.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини рече дека ги почитува граѓанските протести на кои тие го изразуваат своето законско право.
– Ја почитувам загрозеноста која ја чувствувате од загадениот воздух, но не можам децидно да кажам ДА или НЕ за целосна забрана на увоз на отпад. Во моментов и нашата држава извезува отпад, тоа е оној од ОХИС. Треба да ги разгледаме меѓународните закони и Базелската конвенција, а за таа цел планирам да ангажирам меѓународен правен експерт, бидејќи ќе се доведеме во ситуација, ако ние забраниме увоз, да ни забранат другите земји ние да извезуваме отпад – истакна Нуредини.
Министерот на прашањето дали се прифатливи барањата на невладините да се забрани со закон увозот на отпадот истакна:
-Македонија има договор кој што е во согласност со меѓународните и кој дозволува да увезуваме и извезуваме отпад. Во последниве неколку недели извезен е отпад од нашата држава во Швајцарија и Бугарија, така што треба подетално да се разгледаат законите, пред да се даде конкретен став.
фото: Архива