Големо невреме што во средата попладне го зафати поширокиот велешки регион предизвикало угинување на 95 овци на планината Јакупица. Гром удрил во дел од стадото во близина на врвот Солунска Глава, при што животните биле усмртени.
Од СВР Велес потврдија дека настанот се случил на 2 септември околу 19:30 часот, на околу 500 метри под Солунска Глава, на надморска височина од околу 2.500 метри.
„На 2 септември во СВР Велес е пријавено дека околу 19:30 часот на планината Јакупица, на околу 500 метри под врвот Солунска Глава, од удар на гром угинале 95 овци, сопственост на Т. У. (37) од село Горно Јаболчиште, Општина Чашка“, соопшти портпаролката на СВР Велес, Ана Милевска-Ѓеоргиева.
Во моментот на ударот, во непосредна близина на местото каде што удрил громот не бил ниту сточарот ниту поголемиот дел од стадото, кое броело околу 1.200 овци.
Сопственикот за случајот го известил и инспекторот од Агенцијата за храна и ветеринарство.
На местото извршиле увид екипа од СВР Велес и инспектор од АХВ, кои го документирале настанот.