Обвинителството за организиран криминал уште ја нема затворено истрагата за бегството, а секојдневните прозивки за тоа како им избега Груевски на МВР, СЈО и на Кривичниот суд, не престануваат.
Кога се мислеше дека албанските власти ќе помогнат во откривањето како избегал Груевски против кого немаше распишано потерница, но за да се утврди кој го пуштил од нашите граници да ја напушти државата без пасош и со упатен акт за в затвор, албанските власти се поиграа со Обвинителството.
„Првин колегите од Албанија ни рекоа повелете да го преснимите материјалот од двата гранични премина за тие пет-шест дена до 13 ноември 2018 година, кога Груевски на Фејсбук напиша дека се наоѓа во Будимпешта. Истражителите од овде заминаа за Тирана со празни компакт дискови. Се вратија со празни цедеа. Кога стигнале таму им било кажано: ’Извинете, компјутерот сам ги избриша снимките‘. Ова фрли сомнеж за улогата на граничната полиција на Република Албанија во бегството на осудениот Груевски. Не може да каже дека не ѝ функционира граничната контрола, а ниту дека на Ќафасан или Дебар некој го презел Груевски и му овозможил да стаса до амбасадата на Унгарија во Тирана. Најлесно е: ’Компјутерот ги избриша снимките‘. Така ќе се откриеше и кој од нашата страна и на кој граничен премин го пуштил Груевски да избега“, велат соговорниците.
Потоа на снимките од црногорските власти се гледа унгарското возило со дипломатски таблички од Албанија влегува и излегува од Црна Гора.
Но, ниту МНР реагираше, а ЕУ се огради дека азилот е интерно прашање на земјите членки.
Цело време околу зградата на „Бихаќка“, каде што Груевски има неколку стана и живееше со семејството, имало полициски алфи. Но, од подземните гаражи во зградата улицата воопшто не била осветлена. Оттаму, велат извори за САКАМДАКАЖАМ.МК од Обвинителството, на снимките од видеокамерите се гледа како влегуваат и излегуваат возила, но не може да се види кој има внатре во колите. Така што, велат истите извори, осуденото лице можело да ги напушти гаражите во гепек, но и како возач или патник, а притоа да не го забележат поради слабата видливост ни полициските алфи, а ни да го „фатат“ камерите.