Асоцијацијата на ивент индустријата – ИВАП излезе на протест пред Владата, под мотото „Помен – една година тишина!“, поради една година од забраната за одржување на јавни настани.
Тие не работат веќе една година поради забраната за организирање на јавни настани, а на мирниот протест побараа неповратна помош од Владата, поточнo поддршка сo која се опфатени и ноќните клубови.
Како што изјави Маја Бабиќ, претседател на Асоцијацијата на ивент-индустријата (ИВАП), која го организира протестот, компаниите од оваа дејност бараат помош во неповратни грантови, како што добија ноќните клубови, за да може, додека се затворени, да опстанат многуте уметници, продуценти и други работници што ја опслужуваат оваа дејност.
„Процените се дека падот на приходите во ивент-индустријата се повеќе од 50 отсто, што значи дека во догледно време ќе треба да ставиме клуч на врата. Цела година не работиме и не сме препознаени од власта, односно препознаени сме на еден чуден начин. Треба да седнеме да разговараме веднаш за спас на ивент-индустријата. Донесоа мерки, кои не се разбирливи за нас, а ние треба да опстанеме. Над 40 компании се загрижени, рентал-фирми за опрема, видео и аудиопродукции, компании за осветление, бина, звучници и други. Ние секогаш сме гласни во нашата работа, но не сакаме овој пат да бидеме такви, сакаме на тивок начин да го решиме проблемот“, изјави Маја Бабиќ од ИВАП.
Од Асоцијацијата наведуваат дека зголемениот број на случаи деновиве ги загрижува бидејќи тоа значи
дека уште долго нема да можат да почнат со работа.
„Како одговорни граѓани и компании, сметаме дека е неумесно да бараме да одржуваме јавни настани при ваква состојба. Ние не правиме тајни настани, не ги прекршуваме законите и прописите и не и создаваме проблеми на пазарната инспекција. Затоа, сметаме дека немаме друг избор освен Владата да изнајде начин и да му помогне на овој сектор“, велат од ИВАП.
Во последниот пакет мерки, додаваат од таму, Владата објави дека се наменети средства за секторот за организација на настани, но моделот кој го предложила ниту некому му е јасен ниту, пак, има најава кога би можел да се реализира.
„За жал изведувачките уметности, музиката и јавните настани се вториот најголем губитник од Ковид пандемијата во Европа и светот, според последното истражување на европската агенција EY Consulting, веднаш зад авио транспортот и според истражувањата, закрепнувањето на оваа важна општествена гранка мора да биде сериозно поддржано и помогнато од локалните влади“, велат од ИВАП.
фото: Skopje 1