Остри реакции ја потресоа здравствената сфера откако Клиничката болница „Аџибадем Систина“ најави тужба против кардиологот Сашко Кедев. Повод се неговите тврдења дека во приватни болници се изведуваат непотребни интервенции заради профит.
„Најголем дел од мојата консултативна работа е да ги одвратам луѓето од непотребни интервенции. Се соочуваме со непотребни постапки во приватни установи, кои се профитно ориентирани. Имаме докази дека одредени центри би требало да се затворат од медицински аспект“, изјави Кедев пред неколку дена во гостувањето на Канал 77, додавајќи дека такви практики во други земји би биле строго санкционирани.
Од „Аџибадем Систина“ возвратија со соопштение во кое ја потенцираат својата репутација како установа со 25-годишно искуство и мултидисциплинарен тим од 260 доктори.
„Како и во нашата првична реакција, така и сега потсетуваме дека во спорната емисија беше спомната нашата клиничка болница, иако д-р Кедев не прецизираше на кого мисли. Затоа и побаравме тој да проговори директно и отворено, бидејќи тоа е најдобриот начин и тој лично да го сочува својот висок професионален углед, што ние искрено го почитуваме. Паушалните изјави ќе го загрозат и неговото реноме, како што го повредуваат и угледот на нашата клиничка болница, спомната во контекст на овие изјави. Д-р Кедев вели дека има докази за она што го тврди, ние силно веруваме во тоа и очекуваме јавно да ги соопшти. Сите одлуки за третман се носат врз основа на медицински индикации и највисоки етички стандарди“, наведуваат од болницата и предупредуваат дека доколку Кедев не прецизира за која установа се однесуваат неговите тврдења, ќе биде поднесена тужба за клевета и нарушување на угледот.
Министерството за здравство најави итни и вонредни инспекциски надзори за да се проверат сите наводи.
„Здравствениот систем се темели на доверба и професионални стандарди. Одлуките за лекување мора да бидат засновани на клинички индикации, а пациентите имаат право на второ стручно мислење“, се наведува во соопштението.
Министерот Азир Алиу додаде дека дигитализацијата преку „Мој Термин“ ќе овозможи транспарентна размена на информации меѓу јавните и приватните установи, што ќе обезбеди поголема контрола на можните злоупотреби и на финансиските средства.