Советот на Народната банка на седницата одржана на 7 мај 2026 година ги усвои најновите макроекономски проекции содржани во Кварталниот извештај, во кои се оценува дека глобалната економија и натаму се соочува со зголемени ризици и забавен раст.
Според извештајот, по раст од 3,4% во 2025 година, светската економија се очекува да забави на околу 3,1% во 2026 година, додека инфлациските притисоци остануваат нагласени. Како клучен фактор на неизвесност се посочуваат геополитичките конфликти, особено состојбата на Блискиот Исток, кои влијаат врз цените на енергенсите и глобалните трговски текови.
Во однос на домашната економија, проекциите се засноваат на умерено сценарио со очекувања за стабилизирање на инфлацијата и постепено нормализирање на условите на пазарите. Инфлацијата во 2026 година се очекува да изнесува околу 4%, со постепено намалување на околу 3% во 2027 година и приближување кон историскиот просек од 2% на среден рок.
Економскиот раст, според проекциите, ќе остане стабилен. БДП се очекува да порасне за 3,5% во 2026 година, со забрзување до 3,8% во 2027 година. Главен двигател на растот ќе бидат инвестициите, особено јавните инфраструктурни проекти, како и закрепнувањето на надворешната побарувачка.
Надворешната позиција на економијата останува под притисок на краток рок, при што тековната сметка се очекува да бележи дефицит од околу 5,7% од БДП во 2026 година, главно поради повисокиот увоз на енергенси и зголемените инвестиции. На среден рок се очекува постепено подобрување и стабилни финансиски приливи.
Банкарскиот систем, според оценките, останува стабилен и ликвиден. Кредитната активност во првиот квартал од 2026 година бележи раст од 13,1%, а депозитната база продолжува да расте, што укажува на доверба во финансискиот систем. Во периодот 2027–2028 година се очекува умерен раст на кредитите од околу 7,4%.
Народната банка нагласува дека ќе продолжи со внимателна монетарна политика, во услови на глобална неизвесност и ризици поврзани со геополитичките случувања и движењата на цените на примарните производи. Институцијата останува подготвена да ги користи сите расположливи инструменти за одржување на ценовната и девизната стабилност.