Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во моментот владата не гледа потреба од прогласување на кризна состојба. Тој додаде дека ги следи состојбите со инфлацијата и дека истата е под 3%.
Во текот на вчерашниот ден Државниот завод за статистика ги објави трошоците за живот во февруари 2026. Инфлацијата се спушти под 3%, односно е 2,9% и е повторно најниска во регионот, ако се има предвид дека Грција е 3%, Бугарија е 3,5%, Косово во јануари, 5,8%, Хрватска 3,8, Словачка е 4%. Сите овие политики за коишто баравме трпение, полека но сигурно вродуваат со плод. Очекувам после оној состанок утре кој ќе го имаме со дистрибутерите, со ланците на маркети да ја одржиме оваа кондиција и овој тренд да продолжи да се намалува.
За нецели две години се обидовме да се стабилизираме, да застанеме на нозе, да дојдеме до некоја неутрална нула за да можеме потоа да водиме политики на развој и политики онакви какви што заслужуваат граѓаните. Веќе сите параметри во економијата тоа го кажуваат, така што ако ме прашате за мојот суд, мислам дека треба да сториме се што е во наше моќ да ја одржиме ценовната стабилност, имајќи предвид уште еден факт, дека цените на мало се 1,6% зголемени. Тука се, оние цени на храна којашто е и процесуирана, но и нормална. Тука се зеленчукот, овошјето и останатите услуги да речеме.
Мислам дека ќе се движиме оваа година, меѓу два и три проценти, доколку нешто непредвидено не се случи, а не зависи од нас, ако ова што се случува во заливот потрае, и ако потрае во насока на предизвикување на последици по човештвото и по светот, тогаш веќе тоа се работи како што не зависат од нас“, изјави Мицкоски.