Професорот по право Тони Дескоски реагираше по најновите случувања поврзани со Филозофскиот факултет, оценувајќи дека Просветната инспекција само го потврдила она што веќе било утврдено од самата институција.
„Испадна дека Факултетот го утврдил пропустот, па по негово барање ДПИ постапувал и го видел она што веќе и на Факултетот го виделе“, наведува Дескоски.
Тој посочува дека ситуацијата можела да биде поинаква, потсетувајќи на сопствено искуство од минатата година, кога поднел пријава до Државниот просветен инспекторат за неправилен состав на комисија за оценка и одбрана на докторска дисертација.
Според него, тогаш инспекцијата не утврдила неправилности, иако, како што вели, во комисијата немало доволен број членови од соодветната научна област.
„Инспекторката ме убедуваше дека ‘од соодветната научна област’ било множина, а не еднина, и дека јас не сум го разбирал законот“, наведува Дескоски, додавајќи дека му било посочено и дека е „глупаво да се поништува докторат за такво нешто“.
Тој заклучува дека инспекцијата во одредени случаи постапува различно.
„ДПИ понекогаш гледа, а понекогаш не може да го види она што сите други го гледаат“, вели Дескоски.