Трошоците за јавни набавки, во здравството во последните 10 години, се зголемени за два и пол пати, односно тие изнеусвале 126 милиони евра во 2015 година, а лани изнесувале 315 милиони евра, покажа истражувањето насловено како „Јавното здравство троши сè повеќе, а дава сè помалку“, кое го споведе Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
„Најголем раст на вредноста на јавните набавки е воочен кај клиниките и болниците. Но, наместо повеќе услуги и подобра грижа, граѓаните се соочуваат со поинаква реалност, односно, тендерите растат, а работата на болниците и клиниките се намалува. Во периодот од 2015 до 2024 година, бројот на прегледи во вкупно 55 клиники и болници е намален за 14 отсто, а на болнички денови за 24 отсто“, покажало истражувањето.
За три години, бројот на специјалистички прегледи паднал за 700 илјади
Според истражувачите, инфлаторните фактори не се доволни за да се објаснат огромните скокови во вредноста на набавките, а растечките трошоци за јавни набавки не можат да се оправдаат ниту со специјалистичките прегледи. Во последните три години е евидентиран пад на специјалистичките прегледи за околу 700.000, односно за 19 отсто. Намалувањето на бројот на здравствените услуги во гинекологијата и акушерството, како и во трансфузионата медицина, надминува 60 отсто.
„Постои јаз помеѓу зголемената вредност на јавните набавки наспроти падот на дадените услуги во јавните здравствени установи што отвора сериозни сомнежи дека јавните набавки се користат како канал за финансиско извлекување средства, наместо како инструмент за унапредување на здравствената заштита“, оценуваат истражувачите.
Големите разлики во вредноста на тендерите наспроти дадените услуги, упатуваат на висок ризик од злоупотреби, односно на тоа лековите и реагенсите да не се искористени за пациентите во јавните здравствени установи.
„Големиот раст на вредноста на јавните набавки во здравството е проследен со сè помал број понудувачи на тендерите. Речиси половина од вредноста на договорите се склучуваат во тендерски постапки во кои имало само по еден понудувач. Тендерите за набавка на реагенси и тестови во најголем дел се само формалност бидејќи се спроведуваат за веќе одбран апарат, што значи дека, уште пред да почне постапката, јасно е кој ќе го добие тендерот. Апаратите се претходно добиени како донација, земени на користење од фирми кои продаваат реагенси или, пак, купени. Набавките на реагенси и тестови на годишно ниво достигнуваат и до 29 милиони евра и се зголемиле за 81 отсто во периодот на анализа“, се наведува во истражувањето.
Тендерите за набавка на инсулин, глукагон игли и ленти вредат и до 39 милиони евра
Двогодишните тендери за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи и сензори за мерење гликемија, вредни и до 39 милиони евра, се спроведуваат во постапки во кои отсуствува конкуренција, а дополнително склучените договори се анексираат.
„За период од 10 години, бројот на пациенти на инсулинска терапија е зголемен за 21 отсто, а вредноста на договорите за 77 отсто. Програмите за обезбедување инсулин од година во година се сè покуси, а извештаите за реализација на програмите не се објавуваат редовно и недостига јавен отчет за потрошеното“, покажало истражувањето.
Во него е наведено дека тендерите за вакцинацијата на населението се финансиски сè поголеми, а набавките во одредени години се проследени со слабости – од планирање до неуспех да се склучат договорите навреме.
„Трошоците за лекови за ретки болести во последната декада скокнале од 1,5 милион на 19 милиони евра. Овој голем пораст се случува во услови кога Државниот завод за ревизија укажува дека Министерството за здравство нема целосни податоци за тоа дали терапиите навистина ја подобруваат здравствената состојба на пациентите. Причината е што за поголемиот дел од болестите за кои се набавуваат лекови не се спроведува евалуација, како што е предвидено со Програмата за лекување ретки болести“, покажало истражувањето.
Истражувањето покажало дека еден од факторите на корупција е и немањето доволно квалификуван кадар за спроведување на набавките.
Истражувањето открило дека од 110 здравствени институции, дури во 23 нема ниту едно лице со положен испит за јавни набавки, што е спротивно на Законот за јавни набавки. Без ефикасни механизми за надзор и следење, големи суми јавни пари ризикуваат да се потрошат без да се постигнат пропорционални подобрувања.