Во рамки на конференцијата „Инвестирањето во 2026“, организиран од Prime Class на тема „Инвестициски ризик и осигурителни стратегии за финансиска стабилност“, зборуваше генералната директорка на Сава осигурување а.д. Скопје, Мелита Гугуловска.
Фокусот на дискусијата беше ставен на потребата инвестирањето да се гледа како дел од поширок систем за финансиска стабилност, а не исклучиво низ призмата на приносот. Беше нагласено дека најголемите финансиски загуби ретко доаѓаат само од пазарни движења, туку од реални животни и деловни настани како здравствени ризици, прекин на приходи, семејни обврски и правни или имотни ситуации.
„Ризикот не постои само на берза. Во пракса, гледаме дека најтешките финансиски удари доаѓаат од ситуации кои инвеститорите воопшто не ги планираат, а токму тие можат целосно да ја нарушат и најдобрата инвестициска стратегија“, истакна Гугуловска.
Во разговорот беше потенцирана важноста на јасното разграничување меѓу инвестирањето и осигурувањето, како два различни, но комплементарни механизми. Инвестирањето има улога да создава раст, додека осигурувањето постои за да заштити од загуба. Мешањето на овие две улоги, како што беше нагласено, често води до преземање несоодветен ризик и носење избрзани одлуки во моменти на притисок. Оттука особено важен сегмент е едукацијата која ја гради основата за донесување добри одлуки.
Посебен акцент беше ставен на осигурувањето како активна алатка за управување со ризик, која може да ѝ даде стабилност на инвестициската стратегија и да овозможи дисциплинирано и долгорочно инвестирање, особено во услови на економска неизвесност и глобални кризи.
„Осигурувањето не е конкуренција на инвестирањето, туку негова подлога. Кога клучните ризици се покриени, инвеститорот не е принуден да носи панични одлуки или да продава инвестиции во погрешен момент. Тоа е разликата меѓу реактивно и зрело управување со капитал. Важно е да зборуваме и едуцираме, особено за неживотното осигурување и неговата улога во планирањето на нашите финансиски одлуки.“, нагласи Гугуловска.
Како заклучок од разговорот беше испратена пораката дека финансиската стабилност не се гради со избегнување на ризик, туку со негово правилно управување. Зрелото инвестирање подразбира јасно разбирање што треба да расте, но и што мора да остане заштитено, особено во динамичен и неизвесен глобален контекст.