Владата потфрли – две министерки сметаат дека треба да се ревидира одлуката за спојување на концесиите за ископ на бакар и злато на „Еуромакс ресоурцес“. ИРЛ открива како изгледала владината седница на која се одлучувало за иднината на богатиот земјоделски Југоисточен регион. Прашањето за концесиите дошло како дополнителна точка на дневниот ред, а неа ја предложил министерот за економија Крешник Бектеши. Министрите немале никакви прашања и сите гласале „за“, затоа што Министерството за економија на владина седница презентирало документ којшто тврди дека Управниот суд барал од Владата да ги спои концесиите. Овие нагли промени во владиниот став доаѓаат откако фамилијата Дестани, блиска до ДУИ и лидерот Али Ахмети, купува удели во компанијата „Еуромакс ресоурцес“.
15ти јули 2023 година, еколошкото здружениe „Здрава котлина“, заедно со локалното население, после три години повторно протестираат против отварањето на таканаречените „рудници на смртта“ во Југоисточниот регион на Македонија. Додека сите мислеа дека ова е затворено прашање, далеку од очите на јавноста ќе започнат нови превирања во борбата. Настаните почнуваат да се брануваат кога рудникот ќе добие нов ко-сопственик – моќното семејство Дестани со потекло од тетовско чии врски со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети задираат длабоко во минатото.
Во месеците кои претходеа, еколошкото здружение постојано ќе предупредува дека е можно повторно активирање на договорот за концесија за ископ на минерални суровини – бакар и злато – на локалитетот „Иловица“. Но, алармите ќе минат незабележани од пошироката јавност и медиумите.
Пресвртот доаѓа по тригодишен судски спор меѓу „Еуромакс ресоурцес“ и македонската Влада кога Управниот суд, по насока на Виш управен суд, одлучува по трет пат за овој предмет. Судот ќе донесе пресуда со која се поништува Одлуката за раскинување на договорот за концесија од 2019 година, што претставува значително отстапување од претходните две одлуки и отвара сомнежи за влијанија врз судот. Но, една одлука не беше на овој суд – спојувањето на концесиите.
Владата на премиерот Димитар Ковачевски немала никаква намера да се бори за струмичкиот регион и да ги спори контроверзните одлуки на Управниот суд за враќање на концесијата за експлоатација на минерални суровини на „Еуромакс ресоурцес“. Дури и донеле дополнителна одлука за да му ги олеснат процедурите на инвеститорот. Без расправа, без прашања и без ниту еден против или воздржан министрите гласале за спојување на концесиите за рудниците „Иловица-Штука“, со што би ја поштедиле фирмата од водење две постапки за дозвола за експлоатација.