Полскиот јутјубер Никодем Чижевски, попознат како Лил Нарциз, е пронајден мртов во Хрватска, потврди полицијата од полскиот град Гливице по официјалната идентификација на телото.
Младиот јутјубер имал 23 години.
Никодем исчезнал на почетокот на април, а последен пат контактирал со семејството на 8 април. Од тогаш му се губела секоја трага, по што била покрената потрага во која биле вклучени полската полиција и истражители од регионот.
Според светските медиуми, меѓу кои TMZ и People, Чижевски отпатувал во Хрватска поради работа.
Причината за смртта засега не е соопштена.
Лил Нарциз беше познат на Јутјуб со повеќе од 450.000 претплатници. Популарност стекна со провокативни комични видеа, содржини за луксузен животен стил и музички „дис“ песни, од кои некои имаа милионски прегледи.
И покрај големата популарност, тој се повлече од Јутјуб, а последното видео на неговиот канал било објавено во ноември 2021 година.
По веста за неговата смрт, социјалните мрежи се преплавени со пораки со сочувство од неговите фанови.