Во Брисел не постои сомнеж во однос на политичката обврска на Северна Македонија кон владеењето на правото и борбата против корупцијата, порача вчера во Скопје претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и рече дека во последните две години сме направиле сè што се очекувало од нас за да може да се почнат преговорите за пристап во ЕУ.
– Напорите на земјата беа извонредни во последните години. Заедно издржавме една од најтешките миграциски кризи. Северна Македонија го помина овој тест подобро од многу членки на ЕУ. Најдовте решение на драматичните политички кризи во вашата земја. Преку вашите договори со Бугарија и со Грција вие станавте шампиони на политичката зрелост во регионот. Тоа е импресивно и меѓународно признато постигнување, што не треба да биде занемарено од лидерите на ЕУ, рече Туск.
Порача да продолжат реформите, дека ќе биде потребно многу трпение, но оти нема сомнеж дека земјата има квалитети да го направи тоа.
Премиерот Зоран Заев, пак, увери дека обврските за спроведување на понатамошните резултати продолжуваат, особено во областа на владеењето на правото, како и дека случајот „Рекет“ е силен тест за судството и за успех на реформите.
Заев е убеден дека земјата е подготвена да ги совлада предизвиците што доаѓаат со отворањето на преговорите. Тој очекува на состанокот на Советот на ЕУ на 15 октомври со кој ќе претседава Туск да биде донесена одлука за почеток на преговорите без одложување.