Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција отвори истрага против 19 физички и четири правни лица поради сомневања за нелегално внесување и транзит на големи количини цигари.
Според Обвинителството, осомничените со однапред договорени и координирани дејствија избегнувале плаќање царински давачки, даноци и акцизи. Во зависност од нивната улога, тие се сомничат за кривичните дела криумчарење, царинска измама и избегнување плаќање акциза.
Истрагата опфаќа повеќе случаи од 2024 година. Товарни возила натоварени со цигари, според досегашните наоди, биле пропуштани преку граничните премини без соодветна царинска контрола. Во други случаи, стоката пријавена за транзит низ државата била истоварувана во Македонија, додека празните возила продолжувале кон излезните гранични премини.
Во случајот, според обезбедените докази, биле вклучени возачи и одговорни лица во компании, како и царински и други службени лица. Дел од осомничените службеници се товарат дека овозможувале минување на возилата без контрола, внесувале невистинити податоци во електронските службени системи, уништувале царинска документација или раздолжувале транзитни царински декларации и ослободувале гаранции, иако стоката не била доставена на увид кај одредишниот царински орган.
Вкупната штета за буџетот на државата, според проценките во истрагата, изнесува 250.149.784 денари.
Обвинителот до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за притвор за петмина осомничени. За уште едно лице е предложен куќен притвор, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.
Од петтемина осомничени, кои во моментов се недостапни за органите на прогонот, тројца се странски државјани.