Ново истражување на Фондацијата Mozilla покажува дека некои популарни апликации за следење на менструалниот циклус споделуваат чувствителни здравствени податоци со трети страни, што може да претставува ризик за приватноста на корисничките.
Во анализата биле опфатени шест апликации – Flo, Clue, Stardust, Spot On, Period Calendar и Euki. Според извештајот, Stardust е единствената апликација кај која е утврдено дека споделува детални информации за репродуктивното здравје со компанијата RudderStack, иако тоа, според Mozilla, не е јасно наведено во нејзината политика за приватност.
Компанијата Stardust ги отфрли критиките, наведувајќи дека RudderStack служи само како технички посредник за обработка на податоците и дека тие не можат да се искористат за идентификација на корисниците, ниту пак компанијата има право да ги продава или да ги користи за сопствени цели.
Истражувањето покажува дека повеќето од анализираните апликации не споделуваат директни здравствени податоци, но испраќаат основни информации за корисниците до платформи за рекламирање и аналитика, меѓу кои се Google, Meta, Microsoft и TikTok. Според експертите, и самата информација дека некој користи ваква апликација може да открие чувствителни детали за неговото здравје.
Како најбезбедна апликација во однос на приватноста, Mozilla ја издвојува Euki. За разлика од останатите, таа ги чува сите здравствени податоци исклучиво на уредот на корисникот, без нивно испраќање на серверите на компанијата, а не бара ниту отворање корисничка сметка.
Апликациите Flo и Clue, иако не добија највисока оценка, беа позитивно оценети поради транспарентноста и можностите за контрола на приватноста. Mozilla наведува дека тие не споделуваат здравствени податоци со трети страни, но предупредува дека чуваат голем обем информации на сопствени сервери, што може да претставува ризик во случај на пробивање на безбедноста или судски налози.
Од Flo и Clue ги отфрлаат ваквите критики, нагласувајќи дека складирањето на податоците во облак е неопходно за функционирањето на нивните услуги и дека применуваат повеќе безбедносни механизми за заштита на приватноста.
Mozilla потсетува и на претходните случаи поврзани со приватноста. Така, Flo во 2021 година постигна спогодба со Федералната трговска комисија на САД по обвинувања дека споделувал чувствителни податоци со Meta и Google, додека компанијата наведува дека тие практики биле прекинати пред повеќе години и дека оттогаш системите за заштита биле значително подобрени.
Авторите на извештајот заклучуваат дека корисниците треба внимателно да ги читаат политиките за приватност и да ги користат поставките за ограничување на споделувањето податоци, особено кога станува збор за апликации што обработуваат чувствителни здравствени информации.