Истражувачи од Универзитет на Нов Јужен Велс објавија преглед на научни докази кои укажуваат дека користењето електронски цигари, односно вејпинг, веројатно предизвикува рак на белите дробови и усната шуплина, пишува Б92.
Прегледот опфатил студии на животни, извештаи за случаи кај луѓе и лабораториски истражувања објавени во периодот од 2017 до 2025 година, пренесува The Guardian.
Научниците утврдиле дека електронските цигари предизвикуваат биолошки промени поврзани со развој на рак, вклучително оштетување на ДНК и воспалителни процеси.
„Врз основа на сите докази, заклучивме дека електронските цигари веројатно предизвикуваат рак на белите дробови и усната шуплина, иако не можеме прецизно да го утврдиме обемот на последиците“, изјави коавторот, професорот Бернард Стјуарт.
Главниот автор, професорот Фреди Ситас, предупредува дека раните сигнали за штетност често се игнорираат, потсетувајќи на долгогодишното одложување во признавањето на штетноста од традиционалното пушење.
Стручњаците нагласуваат дека вејпингот не е безбедна алтернатива на цигарите, особено за младите кои претходно не пушеле, и повикуваат на построга регулација и ограничување на пристапот до овие производи.