Eкспретседателот Ѓорге Иванов реагира откако антикорупциската комисија даде препорака до Владата да се раскине договорот за закуп на неговите деловни простории. Иванов тврди дека претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, манипулира со јавноста бидејќи, како што вели, просторот се изнајмува за 1.950 евра месечно, а не за 4.500 евра.
– Договорот што го склучи Службата за општи и заеднички работи со наша согласност следи врз основа на законот. Според тоа што ни беше укажано од СОЗР тие процедурата ја спроведуваат на идентичен начин и правила кои според нивните кажувања важеле за сите поранешни претседатели. Очигледно е дека личниот анимозитет и политичките ставови се единствената причина за континуираниот обид за нанесување штета на угледот на поранешниот претседател Иванов – пишува тој на социјалните мрежи.
Поранешниот претседател Иванов ја повика антикорупциската комисија да се произнесе за неговата имотна состојба и становите кои се споменуваа во јавност.