Интервју со Ивица Мицев – Македонски Концепт – Кандидат на листа на пратеници во изборна единица 3
Ивица Мицев – Менаџер на практика во софтверска компанија, софтверски инженер со повеќе од 10 годишно искуство во полето на ИКТ.
ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?
Ивица Мицев: Во Македонски концепт препознав реална идеја и визија за иднината на нашата држава. Препознав државност и државен патриотизам наспроти екстремен национализам. Лично, пред МК Концепт да излезе на сцената речиси бев готов да емигрирам во некоја нормална држава по белиот свет, не заради економски причини, сакав да најдам нормалност, нормални процеси, нормални теми на разговор како кога ќе разговараат двајца колеги за технолошки достигнувања и иновации на дневна основа наместо за политика и корупција.
ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?
Ивица Мицев: Не, јас сум не ажуриран член на ВМРО-ДПМНЕ на неодредено време, и освен тоа што сум бил член, не сум учествувал до сега во некои значителни политички активности.
ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?
Ивица Мицев: Концепт, наш автентичен со јасна насока на движење, длабоки реформи во општеството и што побрзо изедначување со Европските држави.
ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?
Ивица Мицев: Некомпромисна борба со корупцијата, суштински реформи во начинот на управување на државата, целосно потпирање на дигиталните технологии, рекомпонирање на здравствениот и образовен систем, подобрување на условите за правење бизнис.
ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?
Ивица Мицев: Државниот патриотизам односно, сите сме чеда на Македонската република и државните услуги по електронски пат, односно проектот „Државен Шалтер“. Како што гледаме сега, соочени со криза во која се препорачува да се седи дома, можеме да почувствуваме колку всушност ни е потребна онаа информатичка комуникациска технологија за да продолжиме да функционираме.
ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?
Ивица Мицев: Со сето мое знаење и енергија ќе ја промовирам дигитална трансформација на државата по моделот на Естонија, а тоа повлекува и длабоки реформи во начинот на функционирање на државата.
ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?
Ивица Мицев: Како што веќе одговорив во претходното прашање, ќе се залагам и ќе го промовирам процесот на дигитална трансформација од каде лично сметам дека ќе се створи нова платформа за понатамошен развој на сите процеси и реформи, воопшто. Градејќи нормална држава по која сите копнееме, имаме реални шанси да го вратиме квалификуваниот млад кадар назад, за да работи и твори во Македонската држава.
ПОЛИТИКА: Зошто проекти?
Ивица Мицев: Проектите се еден вид временска рамка потребна за реализација на одредена цел. Нам ни требаат конкретни проекти за да се извлечеме од сегашната ненормалност и да ја реформираме улогата на државата, за да ја насочиме во служба на граѓаните. Само на тој начин, секој граѓанин ќе ја чувствува Државата како своја и ќе го негува и придонесе кон нејзиниот развој воопшто.
ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.
Ивица Мицев: Држава со закрепната економија, стабилна членка на НАТО, во екот на преговори со ЕУ каде спроведените суштински реформи ќе почнат да ги даваат очекуваните резултати.
фото: „Македонски концепт“