Спречување на слободата на говорот и поттикнување самоцензура или новинарска активност која значи попречување и компромитирање на судска истрага која не може така лесно да се оправда со јавниот интерес. Дали обвинителството треба да ги гони оние што објавиле документи или личноста која имала пристап до службени тајни и ги изнела и ги дала на медиум?
Дел од колегите новинари денеска се собраа пред зградата на Обвинителството на кејот на Вардар на протест за поддршка на новинарот на Инфомакс, Александар Митовски.
На протестот повика Македонската асоцијација на новинари (МАН) откако обвинителството поднесе обвинителен предлог против новинарот поради објавување на записник од исказ за случајот „Рекет“.
„Овој протест на МАН е под мотото ‘На новинарскиот збор одговорете со збор, а не со апсење и прогон и обвиненија’, и тоа сакаме да го порачаме. Додека го одржуваме овој протест пред ОЈО, во просториите на ‘Нетпрес’ се врши претрес за објавена истражувачка сторија. Тоа се методите на ОЈО. Се водат над 60 истраги, предистраги и процеси против медиуми и новинари кои не се блиски на актуелната владејачка структура. Тоа го правеше СЈО, сега го прави ОЈО. Ова мора да запре“, рече претседателката на МАН, Ивона Талевска.