Процесот за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе биде замрзнат до завршување на локалните избори на 3 ноември. Одлуката е донесена откако ДКСК соопшти дека нема надлежност да се произнесе дали изборот е итен по оставката на Татјана Димитровска и отворањето истрага против неа.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата денес ја формираше комисијата за селекција на кандидатите, но најави дека таа ќе продолжи со работа дури по изборите. Претседателот на комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, го прочита писмото од ДКСК, испратено и до медиумите, во кое се наведува дека Собранието нема да бара автентично толкување на Изборниот законик, туку процесот ќе биде ставен во мирување.
Во составот на селекциската комисија се: Илбер Руфати – заменик народен правобранител, Дарко Аврамовски и Балдри Јашари – членови на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како и Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, Саранда Имери-Стафаи од коалицијата „Вреди“, Митко Трајчулески од СДСМ и Арбана Пашоли од ДУИ.