Со буџетски средства во износ од 587 милиони денари, ќе се започнат припреми за изградба на новиот клинички центар во Скопје, а ќе се прават и интервентни градежни работи на сегашната локација на Клиничкиот центар. Иако се уште не се знае каде ќе се гради новиот Клинички центар, парите се проектирани. Скопје Север, Петровец и Ѓорче Петров се трите локации меѓу кои ќе се избира каде ќе се гради новиот Клинички центар. Премиерот Зоран Заев денеска соопшти дека во Комсијата во Владата е завршена постапката и дека следува дебата на Собранието на идната седница. Додека се отпочне со проектирање, стариот кампус ќе добие нови влезови и излези, а истовремено и монтажни катни гаражи, најави минситерот за здравство, Венко Филипче.
„Од јануари ќе следи дополнително зголемување на платите за 10 проценти за докторите специјалисти и 5 проценти за медицинските сестри. За сите останати здравствени работини, покачувањето на платите ќе се реализира од септември 2019 година“, рече Филипче. Зголемувањето на буџетот значи подобрување на условите за лекување, тврди минситерот Филипче. Ќе се завршува реконструкцијата на болницата „св. Еразмо“ во Охрид, ќе се продолжат градежните активности во Општата болница во Струмица, ќе се започне со изградба на нова болница во Струмица, но и со предприпремни активности за новата градска болница кај Мајчин Дом во Аеродром. Ова се само дел од проектите кои ги кажа Филипче а треба да се реализираат со буџетот од 6,3 милијарди денари во текот на идната година.
Стратешки цели на Министерството за здравство ќе бидат набавка на инсулин, лекови за ретки болести, медицинска опрема, подобрување на инфраструктрата и припрема за изграда на новиот Клинички центар во Скопје. Имнузацијата ќе биде приоритет и во идната година, вели министерот, а ќе се набават вакцини во износ од 394 милиони денари.
„Во програмата за превенција од кардиоваскуларни болести, се предвидува ангажирање на странски хирурзи кои ќе вршат хируршки интервенции а истовремено ќе работат на едукација на нашите лекари. Би потенцирал дека имаме зголемување на средствата во програмата за ретки болести, па така, следната година располагаме со буџет од 380 милиони денари, со кои ќе набавиме и лекови кои третираат повеќе од 20 ретки болести“, вели Филипче.
Буџетот на Министерството за здравство следната година ќе изнесува 6,3 милијарди денари, односно ќе има 300 милиони денари повеќе од проекцијата за минатата година, најави министерот Венко Филипче, кој додаде дека 2019 година ќе започне со зголемување на платите во јавното здравство.