Деновиве во издание на издавачката куќа „Восток“ излезе романот „Низводно“ на познатиот и наградуван српски романописец, поет и есеист Ѓорѓе Д. Сибиновиќ.
Како што вели во рецензијата Елена Богдановска, Низводно е роман за текот на свеста на поединецотнаспроти текот на епохата. Двете светски војни, Југославија во создавањето на новиот човек и новите вредности, студентскиот протест и распаѓањето на епохата, прикажани низ призмата на семејството, членовите на семејството и поединецот Стеван Церовиќ. Во таквата трипартитна структура авторот истражува зошто пропадна таа епоха чии темели беа удрени на искреноста, трудот, пожтрвуваноста, колективот и заедницата. „Низводно“ е автобиографија за секој Балканец во дваесетиот век. За опстанокот после југословенскиот бродолом, симболично прикажан во пластичното шише од две литри кока-кола полно со валкан бензин.
Авторот се јавува како човек кој ја сведочи големата вистина преку малите вистини слушнати, доживеани и лично искусени. Токму тој дел ја сочинува автентичноста и неповторливоста на текстот.