Промени тема
За нас
Загрозениот Груби, трагедијата во Карпош, дрога, газда Деко/Пулс, Грчец и Шеваљ-Претрес со Ѓурчески
Загрозениот Груби, трагедијата во Карпош, дрога, газда Деко/Пулс, Грчец и Шеваљ-Претрес со Ѓурчески

Излезе трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти“ на Свето Стаменов

Скопје1.мк's avatar
Автор: Скопје1.мк

објавено пред 6 години -

Магазин
3-2

— реклама —

Деновиве од печат излезе трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти“ на Свето Стаменов, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и публицист, и на проф. д-р Трајан Гоцевски, универзитетски професор и поранешен декан на Филозофскиот факултет во Скопје, експерт од областа на одбраната и безбедноста и прв цивилен министер за одбрана на независна и суверена Република Македонија, во која во три книги на 1.200 страници се објавени 49 интервјуа кои беа емитувани на програмите на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од 2006 до 2018 година.

— реклама —

„Македонски безбедносни лавиринти“ – I книга која, всушност, е реиздание на книгата што под ист наслов беше објавена во 2015 година, содржи 22 интервјуа кои беа реализирани во периодот од 2006 до 2014 година. Тие се однесуваат на она што се случуваше во времето на осамостојувањето и прогласувањето на независноста на нашава земја, на предизвиците и премрежињата пред кои беше исправена младата македонска самостојна држава, на дислокацијата на тогашната ЈНА од територијата на нашава земја, на изградбата на самостојниот македонски одбранбен и безбедносен систем и на неговата оружена компонента - Армијата на Република Македонија, на ирационалниот спор што соседна Грција го наметна околу уставното име на нашава земја, на македонскиот пат кон евро и евроатлантските интеграции, на несреќниот Букурешки самит на НАТО во 2008 година, како и на уште понесреќната 2001 година, кога се соочивме со најголемиот дотогаш предизвик - оружениот конфликт, на меѓуетничките односи и верската толеранција, на дијалогот меѓу цивилизациите, на добрососедските односи и сл.

Втората книга на „Македонски безбедносни лавиринти“ содржи 15 интервјуа што беа реализирани на програмата на Македонското радио - Радио Скопје во текот на 2015 и 2016 година, кои тематски се однесуваат на клучните процеси кои се одвиваа во Република Македонија во тие две години, како и на историското значење на одредени датуми од македонската подалечна и поблиска историја.

Третата книга, пак, содржи 12 интервјуа реализирани во текот на 2017 и 2018 година, кои во најголемиот дел им се посветени на анализите на македонските  перспективи за членство во НАТО, при што акцентот е насочен кон можностите за забрзување на економскиот развој на Македонија во рамките на евроатлантските интеграции, на последниот самит на НАТО во Брисел и на Договорот од Преспа со кој се затвора речиси тридеценискиот спор што соседна Грција го наметна околу уставното име на нашава земја. Исто така, оваа книга содржи и три интерјуа посветени на одбележувањето на 25-годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија, како и на реформите во безбедносниот систем, а застапени се и теми кои се однесуваат и на глобалната безбедност, на предизвиците и ризиците со кои се соочува современиот се повеќе глобализиран свет, како што се оружените конфликти, организираниот криминал, верскиот фанатизам, профилацијата на оружје за масовно уништување и сл.        

Но, она  што дополнително и дава уште поголема тежина и вредност на трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти“ е тоа што повеќето интервјуа, всушност, се и еден вид своевидна исповед и сведоштво на еден од најодговорните луѓе на македонската одбрана во периодот на осамостојувањето на Република Македонија и создавањето на самостојниот македонски одбранбен систем и, особено, на Армијата на Република Македонија, чие формирање беше неопходен услов Македонија да профункционира како самостојна и независна држава.

Токму поради тоа, како што истакнува во својата рецензија проф. д-р Стево Пендаровски, претседателски кандидат и донеодамнешен национален координатор за членство на Република Северна Македонија во НАТО, „трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти” е несомнено исклучително публицистичко дело и тоа од најмалку две причини: прво, затоа што е вистинска реткост кај нас да прочитате книга во која е поместена долга серија интервјуа со директен сведок на историјата, и второ, затоа што со ваков потфат се имаат зафатено двајца врвни професионалци во своите области: одбраната и безбедноста, од една, и новинарството, од друга страна“.

Со слично мислење е и проф. д-р Зоран Нацев од Филозофскиот факултет во Скопје, според кого, „една продлабочена анализа на содржината на сите интервјуа кои се преточени во текст покажува дека станува збор за своевидна хронолошка анализа на настаните за кои се зборува, поткрепена со научна аргументација и документирана со оригинални сознанија за дел од настаните, на кои еден од авторите бил учесник, а во најголем дел и креатор на процесите”.  

За Зоран Иванов, едно од најголемите македонски новинарски имиња, пак, „тритомниот опус интервјуа со еминентниот професор и највлијателен познавач на темата од генералниот наслов „Македонските безбедносни лавиринти“ што новинарот Свето Стаменов му ги наметнал на професорот Трајан Гоцевски, само по себе се формула за капитално дело со вонредни вредности. Особено поради фактот што опусот опфаќа период подолг од една декада радиски интервју остварувања со еминентниот ерудит Гоцевски“.

Доцент д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност во Скопје во својата рецензија, пак, истакнува дека трилогијата „треба да им послужи на студентите од прв, втор и трет циклус на студии на сите високо образовни институции, како и на пошироката научна и стручна јавност која работи на полето на безбедносните научни истражувања, како и во делот на одбраната и надворешните односи како ориентација за идни продлабочени истражувања, а може да биде и корисно четиво за едукација и на сите оние кои во професионалната работа се среќаваат со оваа тематика“.

Инаку, Свето Стаменов и Трајан Гоцевски, по „Македонски безбедносни лавиринти“, која беше објавена во 2015 година и која сега, всушност, е првата книга на истоимената трилогија, во 2017 година ја објавија книгата „Армија на мирот“, посветена на 25-годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија.

Сподели

Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања