По повод 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, ќе се одржи изложба „Повеќе од должност“, на 25.01.2019 година, со почеток во 18 часот во Културно информативниот центар (КИЦ).
„На отворањето ќе се обратат Н.Е. г. Дан Оријан, Амбасадор на Држава Израел, Н.Е. г. Томас Герберих, Амбасадор на Република Германија, Н.Е. г-ѓа Кеико Ханеда, Амбасадор на Јапонија, Н. Е. г. Емилио Лоренцо Сера, Амбасадор на Кралството Шпанија, Н.Е. г-ѓа Јин Лексиан, Амбасадор на Република Кина, г. Асаф Адеми, министер за култура, и г. Артан Груби, член на Комисија за надворешна политика при Собранието на Република Македонија.
Изложбата „Повеќе од должност“ е посветена на Праведници меѓу народните - дипломати признати од Јад Вашем (Меморијаниот центар на холокаустот во Ерусалим). Праведници меѓу народите е израз кој се употребува од страна на Држава Израел со цел да се опишат не-Евреите кои го ризикувале својот живот за време на Втората светска војна, за да ги спасат Евреите од истребување од страна на нацистите.
27 јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот е меѓународен ден во чест на трагедијата што се случи во текот на Втората светска војна. На овој ден се одбележува геноцидот што резултираше со смрт на околу 6 милиони Евреи, 5 милиони Словени, 3 милиони етнички Полјаци, 200.000 Роми, 250.000 ментални и физички пречки во развојот и 9.000 хомосексуалци од страна на нацистичкиот режим и неговите соработници.
Овој ден беше назначен со резолуцијата 60/7 на Генералното собрание на Обединетите нации на 1 ноември 2005 година за време на 42-тата пленарна сесија. Резолуцијата дојде по одржувањето на специјална седница истата година на 24 јануари 2005 година, за време на која Генералното собрание на Обединетите нации ја одбележа 60-годишнината од ослободувањето на нацистичките концентрациони логори и крајот на Холокаустот.
Со Резолуцијата 60/7 со која се воспоставува 27 јануари, како Меѓународен ден за сеќавање на холокаустот, ја повикува секоја земја-членка на Обединетите Нации, да го одбележи споменот за жртвите од холокаустот и да го поттикнува развојот на едукативни програми за историјата на холокаустот за да помогне во спречувањето на геноцид во иднина“ се вели во соопштението.