Стотици граѓани ги добија СМС-пораките со лажни сајтови, преку кои освен лични податоци, се крадат и пари. На некои од граѓаните кои чекале пратки и им стигнало известување – им биле побарани и информации за банкарски картички.
„ Во тек е кампања на измами преку SMS пораки со лажни сајтови за испорака на пратки, ви земаат број на картичка и се обидуваат веднаш да наплатат огромни суми. Ако чекате пратка, проверете на официјалниот сајт, не од линкот“, алармира член на групата Сојузен комитет на програмери.
Иако се алармира и броевите се знаат, засега пораките не се стопирани од провајдерите. Истите, немаат издадено ниту предупредување за спам пораките кои може да чинат и многу голема финансиска загуба.
Засега не се знае како е стигнато до базата на телефонските броеви. Бројот на лица кои пријавуваат дека им стигнале пораките се бројат во стотици, ако не илјадници. Порадки добиваат и тие кои не очекуваат пратка. Познавачи на проблематиката сметаат дека во прашање е автомат што ги „врти“ сите броеви по повикувачки префикси.
„’Shotgun’ принцип, ќе 'пукаме' на сите па кај погоди..“, пишуваат тие.