Извршители почнаа да запленуваат удели во компаниите кои директно или индиректно се поврзани со дел од осомничените во случајот „Империја“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство, во кој првообвинет е бизнисменот Орце Камчев, објави nezavisen.mk.
Од порталот додаваат дека НЛБ Банка објави дека има започнато постапка за присилна наплата против должникот ЗИК „Пелагонија“ од Битола, каде што директор е бизнисменот Цветан Панделески, кој заедно со Камчев се наоѓа во притвор во затворот во Шутка.
„Присилната наплата е започната за да се наплатат побарувањата. Во рамки на наведената постапка од страна на надлежен извршител е издаден налог за заплена на удел, кој должникот ЗИК ‘Пелагонија’ го поседува во Млекара ‘Здравје Радово’“, се вели во соопштението на банката.
Овие заплени неофицијално не се по налог на Специјалното јавно обвинителство кое ја води истрагата, туку фирмите на кои им должат овие компании активирале извршители за да си ги наплатат долговите, откако главните луѓе на овие компании завршија во притвор.
Пред неколку дена извршител направил заплена во сопственичкиот удел во млекарницата „Здравје Радово“.
Според официјалниот документ објавен во Централниот регистар, „Здравје Радово“ должи 4,3 милиони евра како главен долг, 20 илјади евра по основа на камати и девет илјади евра плус ДДВ – трошоци за извршител.
Две фирми се јавуваат како сопственици во „Здравје Радово“, 99 проценти од млекарницата се во сопственост на ЗИК „Пелагонија“, а еден процент поседува компанијата „Пелагонија енерџи“.
Сопственици на ЗИК „Пелагонија“ се Орка холдинг на Орце Камчев, Цветан Панделевски и контроверзната офшор фирма „Ексико“. Телевизијата Алсат М објави дека најголемата млекарница ќе се продава, а продажбата ќе ја направи НЛБ Банка од каде што млекарницата земала кредити, но не ги враќала. Сепак, банката негира дека во моментов води постапка за присилна наплата против млекарницата „Здравје Радово“.
Компанијата тврди дека останува лидер во млечната индустрија на домашниот пазар. „Компанијата беспрекорно ги заврши инвестициите во новата фабрика во Битола, со што е унапреден и производствениот процес. Сигурни сме дека овие предизвици компанијата ќе ги надмине на достојно ниво и во брзо време“, се вели во соопштението на компанијата.
На 9 ноември Специјалното јавно обвинителство отвори истрага под кодно име „Империја“ против 13 лица, бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куноска-Камчева и сестра Христина Камчева-Стојческа, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.
Сите се сомничат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Во притвор завршија Камчев, неговиот соработник Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, сметководителката во фирмите на Камчев, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски.
По барање на СЈО судот замрзна дел од имотот на фирмите „Орка холдинг“ и „Ексико“. Камчев за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ стана сопственик и акционер во многубројни фирми. Тој поседуваше акции во скопската болница „Аџибадем- Систина“, но има значаен удел и во млекарницата „Здравје Радово“, градежната компанија „Бетон - Штип“ (ангажирана на изградбата на мегапроектот за антиквизација на главниот град „Скопје 2014“), Стопанска банка - Битола, „Лозар“, „Пелистерка“. Во „Бетон - Штип“, во Стопанска банка - Битола, ЗИК „Пелагонија“, „Здравје Радово“ се наоѓа и капитал од мистериозната офшор-компанија „Ексико“.
Според доказите на СЈО, обвинетите направиле штета од над 6 милиони евра на буџетот и испрале над 10 милиони евра.