Претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, потпишувањето на одобрението за урбанистичкиот проект за висококатницата зад бензинската пумпа „Макпетрол“ кај поликлиниката „Букурешт“, го нарече самоволие на градоначалникот Стевчо Јакимовски, но и на Општината.
Јакимовски минатата недела го одобрил Урбанистичкиот проект поднесен од Друштвото за проектирање, ревизија и надзор „Зум проект“ од Скопје. Станува збор за градежна парцела 6.1 во рамки на ДУП Градска четврт 3 05, во сопственост на фирмата „Делта 2015 констракшн“. Следува издавање дозвола за градба на парцелата.
Општината која ја води Јакимовски со свој став, се правдаат дека ја намалиле катноста.
„Катноста е намалена за 40 проценти од предвиденото во урбанистичкиот план, а површината за градба е намалена за 60 проценти. Тоа значи дека од наместо 28 ката ние дозволивме градба на зграда од 17 ката, која ќе биде пандан на зградата спроти бензинската на „Макпетрол““, велат од Општина Карпош.
Со години се водеше борба за на ова место да не никне зграда. Борбите беа залудни.