Три условни казни досуди Кривичен суд за набавката на кинеските автобуси. Две години затвор ќе добијат обвинетите само доколку во наредните пет години го повторат делото. Миле Јанакиески и двајца членови на Комисијата која ја спроведувала јавната набавка признаа вина. Тие не нанеле штета на буџетот, но го прекршиле Законот за јавни набавки.
„Обвинетите М.Ј., С.Ф.П. и Ј.Ј.А., обвинети за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 в.в ст.1 од КЗ, беа огласени за виновни и осудени на Условна осуда од 2 години затвор која нема да се реализира доколку обвинетите во следните 5 годин не сторат ново кривично дело. Против пресудата странките имаат право н жалба до Апелациониот суд – Скопје. Предметот за обвинетиот И.Ј., кој не ја призна вината, продолжува со
главна расправа насрочена за 28.03.2022 година во 09:30 часот“, вели Кривиечн суд.
Миле Јанакиески како ексминистер, Снежана Филиповска-Павлевска како претседателка на Комисијата за спроведување на јавна набавка и Јулијана Јанкуловска-Атанасова – член на комисијата признаа вина дека ги прекршиле правилата за јавни набавки при избор на компанија која ги набави 202 двокатни автобуси за ЈСП. Ова е епилогот од првото рочиште за овој предмет, каде обвинетите се произнесуваат за вина.
Според Обвинението, пред 12 години сите обвинети ја фаворизирале кинеската фирма која ги набави автобусите за ЈСП, а таа немала доставено банкарска гаранција и сертификат за квалитет како што се барало во тендерската документација. И покрај тоа што понуда на фирма од Бугарија била пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на ексминистерот Миле Јанакиески да склучи договор со него. Сите обвинети се гонат за исто кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување.