По критиките на пејачот Спасен Силјаноски за изборот на музичките гости на годинешниот Тиквешки гроздобер, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, изјави дека манифестацијата одамна го надминала локалниот карактер и прераснала во настан од регионално значење.
„Нека повели пејачот кој го стави на исто рамниште гроздоберот со ‘роштиљада’ и да каже во кој дел од програмата би се вклопил, а што е уште поважно, колку публика би донел во градот? Од каде би била таа публика, со оглед на тоа што на настанот во годините наназад доаѓаат гости не само од цела Македонија, туку и од соседни земји?“ – изјави Јанчев за Инфомакс.
Тој потсети дека сите кавадаречки музичари кои ги споменал Силјаноски гостуваат редовно на гроздоберот, а општината секогаш им укажувала почит. „Сите кавадаречки музичари кои ги спомнува, гостуваат не само на овој, туку и на секој гроздобер кој се одржал во минатото и секогаш биле максимално испочитувани од општината, бидејќи ние во Кавадарци знаеме како да го цениме и поддржиме своето,“ додаде тој.
Јанчев нагласи дека настанот има две сцени и секој изведувач настапува таму каде што може да ја исполни публиката. „Кога сме кај големата сцена на која годинава ќе настапи српската еворвизиска победничка Марија Шерифовиќ, и за време на чиј настап се очекуваат најмалку 50.000 посетители, нека одговори пејачот дали тој може да гарантира дека ќе донесе барем една петина од таа бројка,“ порача градоначалникот.
Тој додаде дека гроздоберот не е само забава, туку има и сериозно економско значење за Кавадарци, бидејќи секоја поголема музичка ѕвезда носи повеќе гости и поголема корист за локалното население.
„Затоа и постои епитетот музичка ѕвезда, и не може секој да го носи. Кога за настап на некој музички гостин дури и се организира превоз од други градови, кога доаѓа река од народ од сите краеви, а на плоштадите нема место да се фрли игла, недостојно е да се потценуваат тие ѕвезди со евтини, наводно патриотски приказни кажани поради чист популизам. Уште еднаш го повикувам пејачот кој се дрзна да ја навредува традиционалната кавадаречка манифестација, да дојде во општината и да ми даде одговор на прашањата кои еве и јавно му ги поставив,“ изјави Јанчев за Инфомакс.