50-годишната Јанева е именувана по предлог на еден од олеснувачите во преговорите за имплементирање на договорот од Пржино.
Катица Јанева можеби е најпребаруваното име на „Гугл“ во Македонија во последните 4-5 часа, особено што јавната обвинителката од Гевгелија е прилично непозната за македонската јавност.
Информациите што стигнуваат до медиумите велат дека Јанева потекнува од семејство на познат судија, кој бил и претседател на основниот суд во Гевгелија. Има учествувано на тренинзи и обуки и во академијата и на меѓународни семинари. Таа ја врши функцијата јавен обвинител во Основното јавно обвинителство – Гевгелија, а претходно од 10 април 2003 била заменик на јавниот обвинител во градот.
Гевгелиското јавно обвинителство има само основна надлежност и се наоѓа под јурисдикција на Јавното обвинителство Скопје. Што значи, ОЈО Гевгелија не работи случаи на организиран криминал и корупција, туку полесни кривични дела. Па, Јанева може да се сретне и во разни судски процеси, за разводи, семејно насилство, нејзиното име се појавува и во случајот „Спаска Митрова“...
Но информациите што стигнуваат до медиумите велат дека Јанева има завршено и висока обука за борба против мафијата, корупцијата и организираниот криминал во Италија. Таа е долгогодишен јавен обвинител, а поминала разни меѓународни обуки и специјализации. Јанева како член на Здружението на јавни обвинители учествувала во повеќе активности, меѓу кои и за подготвување на Законот за јавно обвинителство.
Исто така, нејзиното име се наоѓа и на листата предавачи на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Пишува дека предава кривично материјално и процесно право.
Катица Јанева во имотниот лист во Антикорупциската комисија има пријавено (не)движен имот од над 250.000 евра. Наведено дека поседува моторно возило „рено 5 кампус“, трансакциона сметка во Тутунска банка и денарска штедна книшка во Стопанска банка. На име на нејзиниот починат сопруг, кој бил ветеринар, се водат плац во селото Конско во вредност од 1.000 евра, земјоделско земјиште од 1.930 квадрати во вредност од 20.000 евра и моторно возило ровер 45 во вредност од 20.000 евра.