Откако шефицата на обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска потврди дека по вештачењето на вториот телефон на Катица Јанева нема најдени податоци, односно дека телефонот е форматиран од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека намерно не се поведува постапка против Јанева и дека постои тенденција случајот да се сведе само на двајцата притворени Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец. Оттаму прашуваат, што уште треба да се случи за „Рускоска обвинителството“ да влезе во СЈО на Катица Јанева и да изврши претрес, а ја посочуваат и невладината Меѓународен сојуз за вмешаност во скандалот.
Меѓу другото се посочува дека токму оваа невладина организација Меѓународен сојуз е вмешана во рекетарскиот скандал, преку кој со наводен проект за градење старечки домови се вршел рекет. За средбата на премиерот Заев со Боки 13 тој вели дека разговарал токму за оваа тема.
Во оваа организација како почесен член е Фросина Ременски, но таа не сакаше да ги коментира написите. Член бил и таткото на градоначалникот на Карпош Стефан Богоев, кој пак беше повикан на распит во обвинителството, како и портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.
Во врска со невладината Меѓународен сојуз и Боки 13 се поврзува и поранешниот градоначалник на Битола Силјан Мицевски преку чија фирма треба да се гради старечки дом во Битола, но за тоа не е добиена локација од општината. Инаку, случајот Рекет ќе мирува еден месец, бидејќи обвинителите во август ќе бидат на одмор.