Новиот директор на „Пошта“ Јани Макрадули најави дека граѓаните ќе може да ги плаќаат своите сметки во пошта од март идната година. Негова главна цел, како што потенцира, е стабилизирање на компанијата и елиминирање на непотребните трошоци. Долгот кој е генериран по разни основи, а кој го наследи Макрадули е околу десет милиони евра Тој за долговите вели дека не се директно виновни оние кои менаџирале со „Пошти“, туку владите. Загубите се направени со мерки како простување на долговите на граѓаните, укинувањето на радиодифузната такса, одлуки кој не ги донел менаџментот. Макрадули е убеден дека компанијата може да работи подобро.
„Ние бевме директно погодени од ковид пандемијата и ние по тој основ, како и намалениот обем на работа добивме помош од Владата. По пропаѓањето на ‘Еуростандард банка’, драстично се намали приливот. Во овој момент главната цел е финансиското стабилизирање, елиминирање на непотребни трошоци, наоѓање на нови коминтенти и клиенти, повеќе инвестиции во рамки на решенија кои можат да ја помогнат финансиската ситуација, пред се тоа е процесот на дигитализација и вложување во животната средина. Враќањето на репутацијата која порано ја имаше ‘Пошта’ е приоритет кој го работиме. Средствата кои ги даде Владата ќе бидат насочени за исплата на платите“, рече генералниот директор Макрадули.
Платен промет во „Пошта“ ќе може да се врши најдоцна од 1 март, а договорот со „Халк банка“ ќе се потпише до крајот на месецов, соопшти Макрадули.