Денеска на барање на Обвинителството, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, сведочеше на рочиштето „Плацеви на Водно“, односно за тајниот имот на поранешниот премиер Никола Груевски.
Јанкулоска беше распрашувана од страна на обвинителката Лиле Стефанова за начинот на кој се финансирала ВМРО-ДПМНЕ, за да се докаже тезата на обвинителството дека Груевски ги обезбедил парите за плацевите на Водно од партиската каса.
Поранешната министерка изјави дека таа може да зборува само за периодот кога била генерален секретар на партијата, во периодот од 2004 до 2006 година.
„Во овој период ВМРО-ДПМНЕ за цело време имаше блокирана сметка, меѓутоа тековното работење на партијата, и покрај сите тешкотии, некако функционираше и тоа на база на донации кои на доброволна основа ги даваа физички лица. Во делот на овие донации сакам да истакнам дека, поради фактот што ВМРО-ДПМНЕ беше партија во опозиција, донаторите беа прилично воздржани околу нивните релации со партијата бидејќи не секој сака јавно да биде познато дека е близок до партија во опозиција, а во однос на тоа како функционираше процесор, можам да кажам дека во принцип се случувало лицето да разговара со претседателот на партијата. Претседателот на партијата во тоа време, како и сега, е најголем авторитет, секогаш лицата сакаа да се видат со претседателот. Тој ги договараше начинот и условите како тоа да се реализира. Се случуваше претседателот на партијата понекогаш да ме повика, да ме извести ‘тој и тој сака да ѝ помогне на партијата со толкав и толкав износ’. Можело да се случи истиот ден да донира или по неколку дена”, рече Јанкулоска.
„Да, имаше два сефа, од кои едниот беше од тие што се големи, масивни, метар-метар и половина високи, и имаше еден мал како каса. Во малиот се чуваа мали износи, тие што се користеа на дневна основа. Другиот, барем додека јас бев на функција, ниту бил отворан ниту сум знаела шифра. Тој малиот беше со шифра и клуч, се отвораше по потреба”, рече Јанкулоска.