Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, обвинета дека по барање на избеганиот началник Горан Грујевски одобрила да се уништи опремата на УБК за прислушување, за да се скријат доказите за масовното незаконско прислушување, денеска сведочеше дека за опремата за која таа ставила потпис да се здроби, првпат слушнала дека е уништена од СЈО, објави СДК.МК.
Со Јанкулоска денес всушност почна сведочењето на обвинетите во „Тврдина-Таргет”. Во март на обвинетиот Сашо Мијалков му застарува делото за влијание врз обвинетите Горан Грујевски и Тони Јакимовски за „ослободување” од скапата опрема за прислушување.
„Јас како што гледате сум потпишана на тоа решение за уништување на опремата. Рутински било кај мене проследено на потпис, без забелешки, усогласено, и јас рутински сум го потпишала”, се брани Јанкулоска.
Уште на почетокот, на прашање на нејзиниот адвокат Љупчо Шврговски, таа кажа дека членовите на комисијата која одлучувала ја имале одговорноста да ги гледаат деталите и да внимаваат сè да биде по законот.
Предлагач за формирање комисија за експресно дробење на опремата откако тогашната опозиција во 2015 година почна да ја пушта колекцијата од незаконското прислушување од 2008 до 2015 година, е Горан Грујевски. Но, тој никаде не е потпишан, како ни Мијалков, туку таа привилегија му припаднала на шефот на кабинетот на Мијалков, обвинетиот Тони Јакимовски.
Извештајот за уништената опрема Јанкулоска го добила на 11 мај, кога физички не ни била во МВР, поради вооружената престрелка во Диво Насеље, кога загина група припадници на полицијата. На 12 мај 2015 година веќе си поднела оставка.
Текстот во целост на: СДК.МК.