Од 23 август, граѓаните ќе можат да извршат увид и да поднесуваат барања за промени во Избирачкиот список. Увидот ќе трае до 11 септември на полноќ, информира Државната изборна комисија (ДИК).
Во овој период секој граѓанин може да побара запишување, дополнување или бришење на податоците. Барањето може да се достави писмено до подрачното одделение или месната канцеларија на ДИК според местото на живеење, или преку електронска пошта.
ДИК е должна да одлучи по секое барање во рок од 24 часа од приемот. Доколку барањето биде одбиено, граѓанинот има право во рок од 24 часа да поднесе тужба до Управниот суд електронски. Судот, пак, мора да одлучи во рок од 24 часа и веднаш да ја достави својата одлука. Правосилните решенија на Управниот суд се составен дел на потпишаниот Избирачки список.
Политичките партии до 11 септември можат да побараат увид во Избирачкиот список, а ДИК во рок од три дена е должна да им го достави. Во следните пет дена партиите имаат право да поднесат барања за промени на податоците.
Министерството за внатрешни работи на 12 септември, односно веднаш по завршување на јавниот увид, треба да достави до ДИК листа на лица кои побарале нова лична карта или пасош од денот на распишување на изборите до завршувањето на увидот, како и список на граѓани кои до денот на изборите ќе наполнат 18 години. ДИК овие податоци ги внесува во Избирачкиот список по службена должност.
Министерството за социјална политика, демографија и млади е должно најдоцна 30 дена пред изборите да достави информации за лица кои побарале гласање во установи за вонсемејно згрижување. Основните судови, пак, испраќаат податоци за лица со правосилни одлуки за одземање на деловната способност или за оние на кои им е изречена мерката притвор.
Државната изборна комисија треба да го заклучи Избирачкиот список со сите промени најдоцна до 26 септември, а конечната верзија ќе биде потпишана до 3 октомври.