Во изминативе 12 месеци тие собрале и транспортирале вкупно 140.809 тони комунален отпад, што претставува зголемување за 2.612 тони или 1,74 проценти во однос на минатата 2017 година. Дополнително, во текот на 2018 година заменети се 490 дотраени контејнери на 140 микро локации во сите скопски општини, а извршено е и перење и дезинфекција на сите поставени контејнери во градот, како и на нивните микро локации, велат од ЈП „Комунална хигиена“
„За подобрување на квалитетот на давањето на услуги, како и за зголемување на контролата на работата на претпријатието, изминатава година поставени се ГПС-уреди во специјалните возила за собирање на смет, со што се следи трасата на движење на возилата. Оваа мерка придонесе за намалување на просечната потрошувачка на гориво по тура за 0,94 литри или за 4,23 проценти во однос на 2017 година.
Покрај подигнувањето на комуналниот смет од контејнерите, претпријатието изминатава година спроведе и голема акција за генерално чистење на сите скопски општини, Кејот на реката Вардар, а за првпат по многу години спроведе голема акција за рачно и машинско миење на сите булевари и поголеми улици во градот. Изминатава година, во големата акција за чистење на дивите депонии, расчистени и подигнати се 5144 кубни метри отпад, што претставува зголемување од 516 проценти во однос на истиот период минатата година. Со своите специјални возила, ЈП „Комунална хигиена“на граѓаните им ја нуди услугата за собирање и транспорт на електронската, електричната опрема и застарениот мебел од нивните домови, а оваа услуга е бесплатна доколку граѓаните самите го депонираат овој вид на отпад во Центри за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште, како и во претоварната станица во Шуто Оризари.
Од аспект на хуманиот третман на уличните кучиња, во текот на 2018 година Службата за хуман третман и контрола залови 1182 бездомни кучиња од скопските улици што се транспортирани во стационарот „Вардариште“ кои имаат добиено соодветен медицински третман што опфаќа прочистување од внатрешни и надворешни паразити, вакцинирање од беснило и стерилизација. Покрај заловувањето и третманот на кучињата, во текот на 2018 година беа организира поголем број на акции за вдомување на кучиња, при што од страна на граѓаните се вдомени 147 кучиња. Во делот на инвестициони вложувања е набавено и едно специјално возило наменето за заловување и транспорт на бездомните кучиња од скопските улици.
Сите овие новитети во работата на јавното претпријатие влијаеја и на подобрување на финансиското работење и состојба, каде во тековната 2018 година е евидентиран позитивен финансиски резултат и поголема добивка во работењето од 4 милиони денари во однос на минатата година“, велат од претпријатието.