Обвинителката Фатиме Фетаи ја завршила истрагата против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски за злоупотреба на службената положба и овластувањата уште пред три месеци, но поштарот не може да го најде да му даде известување. Без уредно примена покана, според нашите закони, обвинение против осомничен не може да се покрене, објави sdk.mk.
На 16 октомври 2018 година Милошоски беше на распит во Обвинителството. Предистрагата против Антонијо Милошоски, неговиот татко, поранешниот градоначалник на Македонски Брод и уште 11 лица, Фетаи ја отвори на 18 март.
Во случајот „Моќник“, Милошоски е осомничен дека овозможил по ниски цени да биде распродаден државен имот на негови блиски луѓе. Вкупно се осомничени 13 лица. При презентирање на случајот, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека во заблуда бил донесен Советот на Општината да отуѓи и продаде задружен дом со што била нанесена штета од 50 илјади евра во 2011 година и притоа се направени кривичните дела Измама и Злоупотреба на службената положба и овластувања, објави sdk.mk.