Основното јавно обвинителство соопшти дека ќе ги испита сите околности под кои на бизнисменот Борче Марковски, првообвинет во предметот за спорната јавна набавка поврзана со дислокацијата на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК „Битола“, му бил вратен пасошот, по што тој ја напушти Македонија и отпатува во Србија.
Од Обвинителството наведуваат дека барањето за укинување на дополнителните мерки за претпазливост било поднесено од одбраната на Марковски. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга првично, на 15 јуни годинава, дал негативно мислење и се спротивставил на враќањето на патната исправа.
Сепак, откако одбраната поднела ново барање, предметот бил рефериран во Вишото јавно обвинителство Битола.
„Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој понискиот јавен обвинител го задолжил да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа“, соопшти Обвинителството.
Како образложение за ваквата одлука, Вишото јавно обвинителство оценило дека со гаранцијата што ја приложил обвинетиот повеќе не постои опасност од бегство.
„Како аргументи за ваквата одлука, Вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот. Воедно се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата“, наведува Обвинителството.
Од таму најавуваат дека ќе биде направена дополнителна проверка на целата постапка и аргументацијата врз која било донесено позитивното мислење.
„Сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани. Во моментов не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“, додаваат од Обвинителството.
Марковски ја напушти Македонија преку граничниот премин „Табановце“, откако Основниот суд во Струга му го врати пасошот. Според МВР, тој бил задржан за редовна полициска проверка, но му било дозволено да ја премине границата бидејќи во службените системи немало активна мерка што го спречува да ја напушти државата.
Претседателот на Основниот суд во Струга, Вулнет Винца, претходно изјави дека пасошот му бил вратен затоа што Марковски приложил гаранција вредна повеќе од пет милиони евра. Според судот, не можеле истовремено да важат и гаранцијата и мерката за привремено одземање на патната исправа.
Борче Марковски е првообвинет во предметот што се однесува на јавната набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Обвинителството тврди дека тендерските услови биле креирани така што ќе ја фаворизираат неговата компанија како единствен понудувач за договор вреден околу 1,7 милиони евра. Тој има право на пресумпција на невиност сè до правосилно завршување на постапката.
Судењето, кое беше префрлено од Основниот суд Битола во Основниот суд Струга, треба да започне на 2 септември. По заминувањето на Марковски во Србија, во фокусот на јавноста останува прашањето дали гаранцијата од повеќе од пет милиони евра ќе биде доволна за да го обезбеди неговото присуство во понатамошната судска постапка.