Аромата на свежо подготвено кафе има своја посебна магија – оној длабок, опоен мирис што ја исполнува просторијата и ве „поканува“ на момент уживање пред првaта голтка. Тој мал секојдневен луксуз во голема мера зависи од свежината на зрната. Но со тек на време и изложеност на воздух, дури и најквалитетното кафе почнува да ја губи препознатливата нота, а богатиот вкус се претвора во нешто безлично.
Без разлика дали во оставата чувате залиха зрнесто кафе или во фрижидер имате подготвен ладен напиток за подоцна, познавањето на „рокот на траење“ на кафето е клучно за зачувување на неговиот квалитет, пишува „Taste of Home“. Еве колку долго кафето може да стои, во зависност од видот.
Кафе во зрно
Затвореното пакување печени зрна може изненадувачки долго да го задржи вкусот. Според податоците на Асоцијацијата за специјално кафе („Specialty Coffee Association“), кафето спакувано во услови со ниско ниво на кислород и заштитено од светлина може да остане квалитетно со месеци. Повеќето пржарници се согласуваат дека правилно спакуваното и складирано кафе во зрно ја задржува свежината отприлика една година, пред да се почувствува позабележлив пад во вкусот.
Но, штом ќе се отвори пакувањето, зрната брзо почнуваат да ги губат своите најдобри својства. „Healthline“ наведува дека печените зрна имаат најсвеж вкус околу една до три недели по отворањето. За максимална свежина, чувајте ги во темна, херметички затворена тегла, далеку од топлина и сончева светлина.
Мелено кафе
Меленото кафе уште побрзо ја губи свежината, бидејќи поголемата површина е изложена на кислород, што го забрзува процесот на оксидација. Компанијата „Лаваца“ (Lavazza) истакнува дека неотворено, вакуумско пакување мелено кафе обично останува свежо меѓу пет и шест месеци. Но, по отворањето, најдобро е да се искористи во рок од една до две недели.
Меленото кафе никако не треба да се чува во фрижидер или замрзнувач, бидејќи може да настане кондензација и да се наруши вкусот. Наместо тоа, препорачливо е да се чува во херметички затворен сад, на ладно и темно место, како остава.
Подготвени кафе-напитoци
Откако ќе се подготви кафето, времето и температурата веднаш почнуваат да влијаат на вкусот. Свежо свареното црно кафе е највкусно во рок од четири часа на собна температура. Потоа оксидацијата го менува вкусот, правејќи го погорчлив. „Healthline“ наведува дека иако и понатаму е безбедно за пиење, квалитетот значително опаѓа. Ако го чувате во затворен сад во фрижидер, ќе биде употребливо три до четири дена, но без свежината на штотуку подготвено кафе.
Со додавање млеко или павлака правилата се менуваат. Поради млечните производи, ваквиот напиток не треба да стои надвор од фрижидер подолго од два часа. Во фрижидер може да трае еден до два дена, но текстурата може да се промени. Ако забележите киселкаст вкус, или непријатен мирис – време е за нова шолја.
Еспресото својот врв на вкус го достигнува речиси веднаш. Кремата – златестиот слој што ја носи поголемата арома – почнува да се разградува за само неколку секунди. Иако напитокот е безбеден за пиење и подоцна, баристите се согласуваат дека најдобро е да се испие во рок од една до две минути, додека аромата и вкусот се во совршена рамнотежа.
Како да препознаете дека кафето ја изгубило свежината
Кафето не се „расипува“ како млечните производи, но со тек на време ја губи својата препознатлива арома и вкус. Првиот знак на стареење е мирисот – свежото кафе има богата и жива арома, а кога таа ќе избледи и стане „хартиена“ или пригушена, свежината исчезнала. Истото важи и за вкусот, кој станува послаб и помалку изразен.
Ако меленото кафе впило влага, може да се згрутчи или да изгледа масно. Иако мувла ретко се појавува кај суво, печено кафе, можно е ако се чувало во влажни услови. Едноставно кажано – кога ќе исчезнат аромата и свежината, време е за ново пакување кафе.