Статус на Калина Коси:
Млад, здрав, прав, умен, избегал во странство за да печали пари?
И да. Ама и не.
- Бега од нашите училишта каде внукот на директорката има повеќе петки од него, иако не знае да гукне, а самиот тој знае повеќе од учителката.
- Бега од нашите општини каде да го видиш градоначалникот за да му се пожалиш е еднакво на барањето да го видиш Господ.
- Бега од нашите конкурси за работа на кои синот на директорот со трето одделение ќе го примат наместо него со диплома од факултет.
- Бега од нашите болници каде чека со саати, каде го фрлаат да лежи на кревет покриен со партали и каде оди во ве-це кое повеќе личи на полско отколку на болничко.
- Бега од нашите шалтери каде некултурни се буткаат преку ред, а дотраени и дрски работници го услужуваат од другата страна.
- Бега од нашите маркети каде продавачките секогаш несакајќи грешат во куцање со еден артикал повеќе, никогаш помалку.
- Бега од нашите служби каде пред нос луѓе со врски се пикаат пред него во канцеларија, додека тој чека со бројчето во рака.
- Бега од нашите судови каде плаќа казна за фрлено влажно марамче на улица во една судница, додека во другата ослободуваат човек кој ја претепал жена му.
- Бега од нашите институции каде не може да поднесе да работи додека му шефуваат неписмени шефови, а некој друг седи дома и зема плата за истата работа.
- Бега од валканите улици...
- Бега од уличните кучиња...
- Бега од патеките без корпи за отпадоци...
- Бега од преполнетите контејнери...
- Бега од затруеноста со политика...
- Бега од коцкарниците и обложувалниците...
- Бега од лажливите политичари...
- Бега од отровниот воздух...
- Бега од малограѓанштина...
- Бега од мито и корупција...
- Бега од отсуство на морал...
- Бега од селективна казнивост...
- Бега од неодговорност...
- Бега од лаги...
- Бега од измами...
- Бега од неправда...
БЕГА од се! Зошто сака да се чувствува корисен, да почитува закони во држава во која сите ги почитуваат и имаат еднаков третман, зошто сака да биде почитуван и продуктивен, некој да му го вреднува вистински она што го знае и умее. Не бега само во потрага по пари, бега во потрага по нормален живот и сопствена иднина! Бега зошто е свесен дека во оваа држава тоа не го може! Дај му плата и од 1.000 евра ако сакаш, пак ќе избега!