Изет Меџити ќе продолжи со министерување, иако е кандидат за градоначалник на Чаир. Тој и другите кои ќе влезат во трката за локалните избори, нема да ги напуштат функциите. За премиерот Христијан Мицкоски, тоа не е ништо ново.
„Секој министер има и заменик министер. Тие не поднесоа оставка, нормално е дека ќе ги извршуваат обврските во рамките на министерствата и истовремено ќе бидат кандидати. Тоа не е првпат да се случува, се случувало и во минатото“, рече Мицкоски.
Прашан дали е етички и коректно, Меџити да води кампања, а да биде министер, премиерот Мицкоски рече дека политичарите не се тука да даваат морален суд.
„Дали сметам дали е етички и коректно, не би дал коментар, односно ќе кажам дека не гледам зошто не би било. Се случувало и порано. Не е спротивно на закон“, рече Мицкоски.
Мнозинство за измени на Изборниот законик засега нема. Според премиерот Христијан Мицкоски, измените се заглавени во Собрание.
Изборите треба да се распишат оваа недела, а да се одржат во октомври.