Мобилизација на гласачите со повици да го искористат гласот за иднината на државата, се пораките на двајцата претседателски кандидати во последните денови од кампањата пред вториот, финален изборен круг. Во нивните штабови се надеваат дека тесната разлика меѓу кандидатите ќе ги мотивира гласачите кои од разни причини не гласале во првиот круг, да излезат помасовно на гласање на 5-ти мај. Резервоарот на гласови на кои се надеваат и двајцата кандидати е и во кампусот на неопределените, но уште повеќе кај гласачите кои во првиот круг го дадоа гласот за кандидатот Блерим Река, поддржан од партиите Алијанса за Албанците и Беса. Тие деновиве треба да одлучат дали ќе ги повикаат нивните поддржувачи да излезат на гласање.
Ако нема цензус
Токму тесната разлика го зголемува уверувањето дека ќе биде постигнат цензус во вториот круг. Премиерот Заев веќе изјави дека ако не се постигне цензусот или ако Пендаровски загуби, ќе се оди на предвремени парламентарни избори.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во настап на ТВ21, ги повика граѓаните да излезат масовно и да гласаат. Доколку не биде постигнат цензус од 40 отсто, тогаш на 12-ти мај кога завршува мандатот на Ѓорге Иванов, тој ќе треба привремено да ја преземе функцијата на претседател на Република Северна Македонија. Според член 81 став 8 од Уставот „доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка“. Таму не се наведува во кој рок треба да се повтори постапката, но членот 14 став 2 од Изборниот законик прецизира дека „во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот“. Член 137 став 2 од Изборниот законик регулира дека претседателот на Собранието донесува акт за распишување избори за избор на претседател на Република во рок од 48 часа од објавувањето на актот на Уставниот суд, со кој се утврдува настанување на условите за престанок на функцијата. Но, со оглед дека и евентуално повторени избори би можеле повторно да бидат неуспешни, бидејќи според законскиот рок би се одржале во неповолен период - среде летни одмори, не се исклучува можноста за поведување постапка за намалување на цензусот или за избор на шефот на државата во парламентот.
Извор: Дојче Веле