Билјана Ивановска, кандидатка за градоначалник на општина Центар од движењето „Независни заедно“, утре ќе се појави во Јавното обвинителство поради кривична пријава поднесена против неа. Таа изјавува дека не знае кој ја поднел пријавата и за што конкретно станува збор.
Обвинителството минатата недела соопшти дека станува збор за приватна кривична пријава, поднесена на 18 февруари годинава.
Во изјава за „Независен“, Ивановска нагласи дека одбила да ја прифати понудата на Обвинителството распитот да биде одложен по завршувањето на локалните избори, бидејќи тоа би можело да се сфати како политички притисок.
Кривичната пријава ѝ беше врачена истиот ден кога ја објави својата кандидатура за изборите, што во јавноста беше протолкувано како политичка порака. Таа откри дека полицијата ја побарала дома, а откако не ја затекнала, самата отишла во Обвинителството за да ја подигне пријавата.
„Ме повикуваат на разговор на 19 август. Немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со „Независни заедно“ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација“, изјави Ивановска.
Таа додаде дека главната цел на нејзината кампања е враќањето на моќта кај граѓаните и заштита на нивното достоинство.