Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференција со Мицкоски јавно потврди дека местото на Македонија е во Европската Унија, заедно со македонскиот јазик, култура и идентитет, што е уште една потврда на она што говори СДСМ, рече на денешната прес-конференција заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска.
„Денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред сите, пред целата јавност, кажа дека местото на Македонија е во Европската Унија“, рече Пановска.
Пораката на фон дер Лајен го потврдува она што СДСМ го говори од 2022 година — дека Европската Унија е унија на различности и дека европскиот пат подразбира целосно признавање на македонскиот јазик и идентитет.
„Воедно, фон дер Лајен кажа дека тие во Европската Унија нè чекаат нас со широко отворени раце, заедно со нашиот јазик, со нашата култура и со нашиот идентитет“, додаде таа.
Пристапните преговори беа отворени во 2022 година, а скрининг-процесот беше заокружен во 2023 година, за време на Владата предводена од СДСМ. ВМРО и Мицкоски, пак, ширеа хистерија за наводно предавство и ветуваа враќање на името, раскинување на Преспанскиот договор и подобри преговарачки позиции.
„Нè викаа нас предавници. Велеа дека ќе го вратат името. Ветуваа дека ќе го раскинат Преспанскиот договор, ветуваа дека ќе обезбедат подобри преговарачки позиции. И што се случи? Дојдоа на власт. По доаѓањето на власт, Преспанскиот договор за нив стана ремек-дело на дипломатијата. Ветувањата за подобри преговарачки позиции се претворија во блокиран европски процес“, рече Каранфилова – Пановска.
Одолговлекувањето ја влошува позицијата на Македонија. Наместо исчекор во преговорите со Европската Унија, Мицкоски доби упатување кон билатерални разговори со Бугарија, потенцираше заменик-претседателката на СДСМ.
„Наместо европеизација добивме билатерализација. Колку повеќе го одолговлекуваме процесот, позицијата на Македонија ќе се влошува. И тоа денеска се случи“, рече Каранфилова – Пановска.
Додека другите земји кандидати напредуваат и отвораат кластери, Македонија останува без патоказ.
„Македонија, за жал, по 30 години сериозна стратешка определба, битки и жртви на патот за Европската Унија, ќе остане без патоказ“, рече Пановска.
Блокадата има последици за иднината на државата: младите и бизнисите заминуваат, а граѓаните остануваат посиромашни. Зад изјавите за наводна заштита на идентитетот останува блокиран европски пат, за кој одговорноста ја носат ВМРО и Христијан Мицкоски.