Во уставно правната пракса на Република Македонија како пред осамостојувањето така и по нашето осамостојување не е влезен во сила ниту еден закон кој не го содржи потписот на претседателот на Републиката. А објавување на закон со фус нота досега не е забележано во уставно-правната пракса на нашата држава, ја појаснува својата иницијатива пред Уставниот суд професорот Јове Кекеновски.
Во своето дообјаснување професорот Кекеновски вели:
„Две клучни прашања на поднесената Иницијатива за оцена на уставност на Законот за јазици.
1. Дали е логично и правно издржано Законот за јазици да се носи со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (согласно амандман Х став 2), а во содржината на самиот Закон да се третираат прашања кои се регулираат со 2/3 од вкупниот број пратеници или прашања кои се регулираат со 2/3 мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство?
2. Дали е дозволено со Законот за јазици кој е донесен 69 од вкупно 120 гласа да се проширува содржината односно рамката на амандманот V на Уставот на Република Македонија?
На пример, во амандаманот XXV став 3 на Уставот на РМ се вели дека „видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и ПОСТАПКАТА ПРЕД НИВ, се уредуваат со закон, што се донесува со 2/3 мнозинство гласови од вкупниот број пратеници”. Во Законот за јазици, употребата на јазиците во судската постапка (мошне важен дел, сегмент на постапката), како и постапките пред другите државни органи (на пример пред обвинителството) да се регулира со Закон кој е усвоен со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (во конкретниот случај 69 од вкупно 120 гласови).
Или да речеме за прашањата од локалната самоуправа кои се регулираат со 2/3 мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство (амандман XVI), сегементи од локалната самоуправа (во овој случај употребата на јазиците и други прашања) да се регулираат со Закон за јазици кој е усвоен со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (во конкретниот случај 69 од вкупно 120 гласови).
Или поконкретно, дали е нормално и правно издржано амандманот V кој се изменува и дополнува со 2/3 мнозинство од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија (согласно амандман XVIII), неговата содржина односно неговите рамки да се прошируваат со Закон за јазици кој е усвоен со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (во конкретниот случај 69 од вкупно 120 пратеници).
На крајот, за да еден закон биде уставно издржан истиот мора да ги содржи сите формални правни елементи кои го чинат прописот да биде уставен. Во уставно-правната пракса на Република Македонија како пред осамостојувањето така и по нашето осамостојување не е влезен во сила ниту еден закон кој не го содржи потписот на претседателот на Републиката.
Само во неколку случаи (5-6) каде имало такви обиди истите никогаш не влегле во сила, а наместо нив се донесувале нови закони во нова законодавна процедура.
Во одделни други случаи Уставниот суд редовно ги поништувал ваквите закони, поништувајќи ги дури и указите за нивно прогласување во ситуации кога тие укази биле потпишувани само од преседателот на Собранието на РМ односно кога претседателот на Собранието се потпишувал наместо претседателот на Републиката.
А објавување на закон со фус нота досега не е забележано во уставно правната пракса на нашата држава!
За другите наводи во Иницијативата нема потреба дополнително да дообјаснувам. Ќе си каже Уставниот суд во деновиве кои ни претстојат“, напиша на својот фејсбук профил Кекеновски.