Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека киното „Милениум“ во Скопје се очекува повторно да биде отворено во септември, откако ќе биде обезбеден нов проектор и завршени подготовките за негово ставање во функција.
„Морам да истакнам дека општествено одговорни компании сериозно ни помагаат изминатиов период. Преку МАТТО исто ни се обезбедува проектор за градското кино. Јас бев во минатото четири години градоначалник на Oпштина Кисела Вода во којашто две кина оставив зад себе. Таму отворивме кино и во урбаниот дел во Кисела Вода, но и во Драчево, и логично е за еден голем град како нашиот град, каде што младите треба да ги насочиме повеќе кон културата, да им овозможиме пристап, евтини карти, евтини услуги, но да имаат свое градско кино. Се надевам дека до септември ќе биде ставено во функција. И тоа мислам дека е добар рок ако земеме предвид дека со години наназад не функционираше. Знаете дека таму и дрва имаше никнато зад сцената и имаше девијантни појави со години наназад, но еве полека ги решаваме“, рече Ѓорѓиевски на настан за Скопје – Европска престолнина на културата 2028.