Зградата на 17 ката која треба да се гради во скопски Карпош, на просторот меѓу поликлиниката „Букурешт“ и Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ зад приватната болница „Жан Митрев“, нема комплетна документација за да може да добие услови за градба со тој габарит, а потоа и легална градежна дозвола, пишува „СДК.МК“.
Според пријавата што ја добивме на алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК, толку голема зграда не ги исполнува потребните услови и не добила позитивно конзерваторско мислење. Со тоа, Општина Карпош не смее да издаде градежна дозвола, а ако издаде тоа ќе биде спротивно на закон. САКАМДАКАЖАМ.МК независно ги верификуваше информациите од пријавата.
Оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство.