Доколку власта навистина ја реализира, најавената мерка за субвенции за замена на старо со ново или користено возило со еколошки стандарди, односно со Еуро 5 и Еуро 6 нормативите, е добра, сметаат во плацевите за половни автомобили. Очекуваат дека ќе се зголеми продажбата на овие возила.
„Нашето гледање е дека мерката што би ја спровеле е одлична, за да се намали емисијата на издувни гасови, доколку се реализира. На пазарот има користени возила со Еуро 5 и Еуро 6 нормативите. Очекуваме дека луѓето можат да се насочат кон купување на тие возила и мерката да биде успешна“, вели Александар Димовски, вработено во Еумобиле, салон за продажба, откуп и посредување за користени возила.
Во законот, се предвидува годинава да се одвојат 170.000.000 денари или околу 2,7 милиони евра за субвенции, што е доволно за околу 900 возила со оглед на тоа што министерот за економија Крешник Бектеши најави дека субвенциите нема да надминуваат 3.000 евра.
Во законот пишува дека со програмите за субвенционирање предвидено е од буџетот да се одвојат 245.000.000 денари или околу 3,9 милиони евра во 2020 година и 320.000.000 денари или околу 5,2 милиони евра во 2021 година.
Со законските новини, граѓаните што ќе купат ново или половно еколошко возило, а старото ќе го исклучат, ќе добијат субвенции од 20 до 30 отсто од вредноста, најмногу до три илјади евра, но тоа не смее да е поскапо од 10 до 12 илјади евра. Министерот Бектеши, вели дека оваа мерка, која најверојатно ќе стартува од следната година, заедно со онаа со која граѓаните кои наместо бензин ќе користат плин, годишно би ги чинела буџетот над 2,4 милиони евра.