Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, министерот за правда Бојан Маричиќ, како гостин во „Студио 10“ на ТВ24 рече дека владеачката партија ќе наметне поголема контрола над своите градоначалници и дека функционерите ќе мора да бидат подостапни за граѓаните.
„Ова е порака на гласачите и граѓаните на прогресивната опција, ние таа порака ја свативме многу јасно. За нас е важно да останеме обединети за да се движиме напред. Назад се враќаме само за да ги научиме лекциите. Граѓаните сакаат да одат побргу реформите и функционерите да работат на повеќе нивоа. Има на кои гласови да сметаме во вториот круг, да ги посетиме заборавените и да се извиниме. Имаме сериозни шанси за победа во повеќето општини од вториот круг. Но некои лични релации на функционерите не биле отворени и достапни доволно.Затоа ќе работиме како да поставиме сериозна контрола над сите градоначалници кои ќе ги добиеме“, рече Маричиќ во студиото.
Тој додаде дека ароганцијата повеќе не е одлика на СДСМ, а тоа се гледа при носењето на одлуките.
„Арогантноста ние одамна сме ја тргнале, таа никогаш не може да послужи во политиката. Граѓаните имаат пристапност до функционерите на централно и локално ниво. Таму каде што не било така, сме работеле тоа да се исправи. Ние сме рекле дека ниту една одлука нема да се носи без да ги слушнеме граѓаните“, рече Маричиќ.