Премиерот Христијан Мицкоски преку објава на социјалните мрежи изрази жалење по повод ненадејната смрт на градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски.
„Со длабока тага ја примив веста за ненадејната смрт на Јовица Илиевски, градоначалникот на Општина Брвеница“, напиша Мицкоски.
Тој посочи дека Илиевски бил работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водел.
„Функцијата ја разбираше како обврска кон граѓаните, а довербата што ја доби ја оправдуваше со работа, со присуство и со резултати. Беше секогаш меѓу луѓето. Ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби. Затоа граѓаните му ја дадоа довербата и за втор мандат“, истакна Мицкоски.
Премиерот додаде дека Илиевски ќе остане запаметен и како голем вљубеник во спортот, човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце.
„Во овие болни моменти, моите мисли се со неговото семејство, со неговите најблиски, со граѓаните на Брвеница и со сите што го познаваа и почитуваа“, напиша Мицкоски.
Во објавата тој порача и дека делото и споменот за Јовица Илиевски нема да бидат заборавени.